Дали е подобро да се разболите од грип отколку да се вакцинирате против грип?

Не. Грипот може да биде сериозна болест, особено кај малите деца, повозрасните лица и лицата со одредени хронични заболувања, како што се астма, срцеви заболувања или дијабет. Секоја инфекција со грип може да доведе до тешки компликации, хоспитализација или смрт, дури и кај здрави деца и возрасни. Затоа, вакцинирањето е побезбеден избор од ризикот од добивање на болеста.

Дали е вистина дека вакцината против грип може да Ве направи поподложни на други респираторни вируси?

Се смета дека вакцините против грип не ги прават луѓето поподложни на други респираторни инфекции.

Зошто некои луѓе не се чувствуваат добро по вакцинацијата против сезонски грип?

Некои луѓе пријавуваат дека имаат благи несакани ефекти по вакцинацијата против грип. Најчестите несакани ефекти од вакцините против грип се болка, црвенило, осетливост или оток на местото каде што е дадена вакцината. Може да се јави и слаба треска, главоболка и болки во мускулите. Ако се појават овие реакции, тие обично започнуваат веднаш по вакцинацијата и траат 1-2 дена. Во рандомизирани, слепи студии, каде што некои луѓе добивале инактивирани вакцини против грип, а други земале вакцини со солена вода (физиолошки раствор), единствената разлика во симптомите била зголемена болка во раката и црвенило на местото на инјектирање кај луѓето кои примиле вакцина против грип. Не се евидентирани разлики во однос на болки во телото, треска, кашлица, течење на носот или болки во грлото.

Дали вакцинирање со повеќе дози на вакцина против грип обезбедува дополнителен имунитет?

Кај возрасните, студиите не покажаа корист од добивање повеќе од една доза на вакцина во текот на истата сезона на грип, дури и кај постарите лица со ослабен имунитет. Со две дози се вакцинираат само децата кои се вакцинираат за прв пат, додека за останатите се препорачува само една доза вакцина против грип секоја сезона.

Што е тиомерсал?

Тиомерсал е конзерванс базиран на етил жива кој се користи во вијали кои содржат повеќе од една доза вакцина за да спречат контаминација на вијалата од страна на надворешни бактерии или габи. Употребата на тиомерсал во вакцини и други медицински производи е докажана за безбедна за користење. Податоците од многу студии не покажале штетно влијание на употребата на ниските дози на тиомерсал во вакцините.