Специфична мерка за превенција -вакцинација

Вакцинацијата против грип е најефективен и најефикасен начин за превенција на грипот. Вакцината против грип е безбедна, ефективна, достапна и се користи повеќе од 60 години. Меѓу здрави возрасни лица, вакцината против грип може да ја спречи појавата на болеста за 70% до 90%.
Меѓу постарите лица, вакцината ги намалува компликациите и до 60%, а појавата на смртните случаи за 80%.

Општи мерки на превенција

Општите мерки за заштита од грип се мерки кои се насочени кон сите акутни респираторни заболувања и може да се од голема корист, особено ако се применуваат во текот на целиот зимски период:

  • Да се избегнува собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура!
  • Често да се мијат рацете со вода и сапун или дезинфекционо средство!
  • Да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат! • Препорачливо е топло, слоевито облекување, топли бањи!
  • Да се пијат топли напитоци (чаеви и супи), овошни цедени сокови, вода со лимон.
  • Да се земаат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук кои му се неопходни на организмот. Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц (цитрони, лимони, портокали, пиперка). Доколку не се располага секогаш со свежи прехрамбени продукти, може да се користат и мултивитамински напитоци и препарати.
  • Како дополнителни средства може да се користат препарати на база на прополис, ехинацеа, мед, ѓумбир, лук и сл.
  • Практикување на здрав начин на живот и здрави навики, вклучително добар сон и одмор, здрава храна, одржувајте ја физичката и психичката активност, намалете го стресот.

Силниот имунитет ќе ви помогне да останете здрави или полесно да се справите со грипот и заболувањата слични на грип. Сепак, дури и да сте совршено здрави и да имате силен имунитет, може да заболите од грип или заболување слично на грип

Што ако се разболам од грип?

Следете ги следните препораки:

  • Останете дома и не одете на работа, во училиште или на места каде има многу луѓе!
  • Одморајте се и земајте многу течности и лесна храна!
  • Избегнувајте блиски контакти со лицата со кои живеете, не примајте посети додека сте болни!
  • Покријте го носот и устата со шамивче при кашлање и кивање!
  • По употреба шамивчињата фрлете ги во корпа за отпадоци!
  • Носете заштитна маска кога контактирате со своите блиски во домот, кога кашлате и кивате!
  • Практикувајте често и темелно миење на рацете со топла вода и сапун, особено после кивање или кашлање!
  • Користете влажни марамчиња кои содржат алкохол или средство за дезинфекција на рацете!
  • Избегнувајте допирање на очите, носот и устата со раце!
  • Често проветрувајте ја просторијата каде престојувате додека сте болни!
  • Одржувајте ја чиста вашата околина – предмети, површини со средства за хигиена на домот!
  • Ако сте над 65 години или имате хронични заболувања, или доколку симптомите на болеста се влошуваат или траат повеќе денови – побарајте лекарска помош!
НАЗАД